АИ го потврди масакрот во Етиопија: Стотици луѓе избодени до смрт

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Меѓународната невладина организација за заштита на човековите права Амнести Интернешнал ги потврди извештаите за масакр во градот Меј Кадери во регионот Тиграј во северна Етиопија на 9 ноември, каде што „голем број, веројатно стотици луѓе беа избодени до смрт“.

Цивилните жртви „веројатно се надничари кои на ниту еден начин не учествувале во воената офанзива која е во тек“ во регионот Тиграј, изјави директорот на АИ за источна и јужна Африка, Депрозе Мучен.

Иако АИ сè уште не утврдила кој е одговорен за нападот, сведоци тврдат дека тоа се силите лојални на Народниот ослободителен фронт на Тиграј (ТПЛФ), кој управува со регионот и е во судир со премиерот Аби Ахмед уште од неговото доаѓање на власт во 2018 година.

Премиерот претходно изјави дека ТПЛФ извршил егзекуција на владини трупи во северниот дел на Етиопија.

Ахмед објави на Твитер дека армијата ја вратила контролата врз градот Широм во регионот Тиграј и открила „тела на војници кои биле врзани и убиени“. Тој не го наведе бројот на жртвите.

Обединетите нации, Африканската унија и меѓународната заедница изразија загриженост дека Етиопија може да влезе во граѓанска војна откако Аби, добитник на Нобелова награда за мир во 2019 година, нареди полициски час и испрати војници да го задушат наводниот бунт на ТПЛФ.