Пратеничката на Европскиот фронт постави прашање до првиот вицепремиер Изет Меџити за тоа што ја потврди изјавата на косовскиот премиер Албин Курти во врска со албанскиот јазик
„Пред еден ден се сложувате со изјавата на господинот Курти кој што вели дека во Република Северна Македонија не може да кажеме дека албанскиот јазик бил службен и дека сега е во опасност и ова не е вистина. Дали можете да ни дадете одговор кога сте ј а кажале вистината и дали албанскиот јазик е службен во Република Северна Македонија“, вели Рина Ајдари.
На ова одговори Меџити кој рече дека со коментарите на Европскиот фронт се создава лажна слика дека законот за албанскиот јазик се укинува.
„Изјавата на премиерот Курти кого го поддржувам е дека во Македонија немаше закон за албански јазик бидејќи тоа беше тенденција за да се создаде хаос, бидејќи тука имавме закон за албанскиот јазик, албанскиот јазик беше официјален и создадовте перцепција дека истиот закон се укинува“, вели Изет Меџити.
Пратеникот на СДСМ Миле Талески ја праша министерката за енергетика Сања Божиновска кога ќе си поднесе оставка. Освен за бугарскиот пасош тој рече дека нејзината фирма направила долгови од речиси 1 милион евра кон МЕПСО, а покрај тоа имала и даночно затајување и други малверзации.
„Над 70 проценти од вкупниот долг на МЕПСО во тоа време го направиле вашата фирма а тоа е пред самата промена тогаш на власта. Долгот е за ненаплатена електрична енергија и до крајот на 2017 достигнал 59 милиони денари или скоро 1 милион евра. Тој долг од 1 милион евра според нашите информации никогаш не е наплатен досега. Иако по одредено време МЕПСО покренува постапка за наплата на долгот и иницира тужба против фирмата“, вели Миле Талески.
Министерката Божиновска не одговори ништо на прашањето за долгот од 1 милион евра, а наместо тоа зборуваше дека СДСМ го оставиле ЕСМ со долгови.
„За нешто што се случило во 2017 година, значи вие бевте тогаш на власт имаше 7 години за вие нешто да реагирате за тоа. Па јас еве сега само да ве потсетам. Во 2017 ЕСМ од тогашниот генерален директор беше оставен со 20 милиони евра профит со направени ремонти со направен тендер за механизација и еве денеска после 7 години јас што начекав , минус 80 милиони евра работење на ЕСМ“, порача Сања Божиновска.
Ова се први пратенички прашања наменети само за опозицијата според новиот Деловник кои ќе ги има секој месец и ќе траат два часа, а независно од нив секој последен четврток во месецот ќе се одржуваат и досегашните пратенички прашања кои траат цел ден.
