„Патот на Македонија кон ЕУ се оценува со високи и многу позитивни оценки од високи претставници и функционери на ЕУ со кои денеска одржавме средби на вториот ден од нашиот престој во Брисел“, вели репортерката на ТВ21.
Прашањето за кое најмногу се зборуваше на брифингот на претставниците на ЕУ со новинарите, беа уставните измени, што ќе направи земјава за да ги оствари истите и како ќе помогнат функционери од ЕУ во овој правец, имајќи превид дека македонската опозиција може и да не гласа за овие измени.
Овде стана збор и за посетата на претседателот на Советот на ЕУ, Чарлс Мишел минатата година во земјава, кога се сретна со сите политички партии поединечно, а според изворите кои говореа на брифингот, доколку е потребно и смета дека е оправдано, Мишел повторно би дошол во Македонија, иако нема за сега таков план.
Сите држави членки на ЕУ активно разговараа со Бугарија, но останува Северна Македонија сама да го реши ова прашање и да преземе важни чекори, беше истакнато на брифингот на европските функционери кои додаваат дека ЕУ нема да се меша во националните прашања. Ако некој блокира, треба да понуди и решение, беше речено од страна на високите претставници на институциите на ЕУ.
“Откако ќе завршат предизвиците, убеден сум дека Македонија ќе има тесна соработка со Бугарија и ќе се заборават овие прашања“, рече еден од функционерите на брифингот со новинарите.
„Инаку денеска во Брисел продолжи објаснувачкиот скрининг за Кластер 4, поглавјата 21 и 15“, вели репортерката на ТВ21, Алмедина Исмајли од Брисел.
