Иако се пријавени два случаи на индискиот сој во земјава, МЗ оценува дека не треба да се вратат заострените мерки. Со ублажување на мерките, низ локалите во текот на викендот се забележани бројни забави, меѓутоа министерот Филипче смета дека тоа не претставува опасност.
Се уште не се знае дали анти ковид вакцините штитат и од индискиот сој кој се шири многу побзо отколку другите соеви на Ковид 19.
Изминатите три дена пунктовите за вакцинација беа затворени. Филипче вели дека тоа не е поради недостиг на вакцини туку поради празникот, меѓутоа опозицијата не мисли така. Коалицијата АА-ААА ја обвинува владата за лошо менаџирање на состојбата со Ковид 19.
„Се наоѓаме пред спортскиот центар Борис Трајковски во Скопје кој е главен и најголем пункт за масивно вакцинирање на населението. Не само овој центар туку и сите други, три дена по ред за време на продолжениот викенд беа затворени, што ние како коалиција АА-ААА го оценуваме како погрешен , аматерски и опасен чекор. Овој незрел чекор на МЗ ги натера своите граѓани во улога на вакцина-туристи да се вакцинираат во државите од регионот трошејќи средства и време иако плаќаат придонеси во својата матична држава.“, вели Беким Татеши.
Реакции имаше и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде истакнаа дека граѓаните направиле двојно поголеми трошоци бидејќи морале да одат во Србија за вакцинација.
Оваа недела на пунктовите за имунизација ќе се распределат 4 илјади вакцини со кои располага МЗ како и 11 илјади вакцини кои се очекува да стигнат во текот на денот, рече Филипче, одговарајќи на прашањето дали имаме вакцини во моментов.
