Премиерот Заев во интервју за ТВ21 вели дека не се чувствува виновен за ветото од Бугарија, ниту пак како предавник наспроти обвинувањата од опозицијата. Како што вели тој, да бил предавник, немаше да има вето.
„Имајќи предвид дека тој (Мицкоски) ме обвинува мене дека јас сум виновен за ветото од Бугарија, а истовремено ме обвинува дека правам предавство на македонскиот јазик и македонскиот народ е условено едно од друго. Не само што е контрадикторно, туку е условено едно од друго. Да направив предавство ветото, требаше да биде тргнато. Или ако ветото опстојува тоа значи дека се штитат националните интереси. Да имаше предавство ветото требаше да биде тргнато“, истакна Зоран Заев.
Тоа што претставници на Бугарија не присуствуваа на Форумот и покрај поканата за Заев не е добра порака. Сепак, е оптимист. Вели дека во нив гледа пријатели, а иако не открива за што точно станува збор, сепак порача дека постојат решенија кои се прифатливи за двете страни.
„Јас можам да кажам дека со Бугарија имаме решение кои се прифатливи за двете страни. Сакам да верувам дека и овојпат не добивме зелено светло дека немаат Парламент и немаат Влада. Затоа што знам што разговарав и знам дека се адресирани грижите на Бугарија“, посочи Зоран Заев.
За разлика од Бугарија, Грција имаше свои претставници на Преспа Форум за дијалог. Присутен беше поранешниот премиер на Грција, Алексис Ципрас во чиј мандат беше потпишан Преспанскиот договор. Ципрас во интервју за ТВ21 изјави дека е разочаран и дека не очекувал ваков развој на настаните по потпишувањето на Договорот од Преспа.
„Прво, јас сум многу разочаран од развојот на настаните и треба да кажам дека многу добро ги разбирам чувствата на граѓаните на Северна Македонија, кои имаат направено многу значајни промени, промена на Уставот, уставното име“, истакна Алексис Ципрас.
Според Ципрас, Преспанскиот договор е значаен не само за Грција и Северна Македонија, туку за мирот, просперитетот и соработката на целиот Балкан. Па, затоа сакајќи да верува дека ова е привремено одложување и порачува на Бугарија.
„Во рамки на европското семејство не може да продолжи со негирање, туку со поврзување“, додава Алексис Ципрас.
Преспанскиот договор, Охридскиот договор, па и Договорот за добрососедство со Бугарија, според Заев не вадат на површина како европска земја која знае каде сака да стигне и низ што треба да помине. Но, исто така се слика за еден народ на кој неправедно два пати му е обесправен на патот кон ЕУ.
На Преспа форумот во Охрид и Отешево учествуваа бројни претставници на САД и ЕУ, кои дадоа силна поддршка на Северна Македонија и Албанија. Речиси сите порачаа дека овие две земји заслужиле почеток на преговори и меѓувладина конференција, па побараа од ЕУ да најде начин да го овозможи тоа.
