„Подобро за Тетово“ е името на иницијативата на неколку активисти на цивилните здруженија кои ќе се тркаат со независна листа на советници во општина Тетово. Имаат за цел да ја зголемат важноста на Општинскиот совет во градот и да има поголема транспарентност за трошењето на парите и проектите. Елмедина Абдулау, учесник во иницијативата, вели дека имаат за цел активностите кои ги вршат како цивилно здружение, по изборите да ги реализираат во Општинскиот совет.
„Сите сме професионалци во професијата и одлучивме нашите активности кои постојано ги реализиравме, да ги направиме и внатре во институциите, односно Општинскиот совет на Тетово. Со ова ја објавуваме нашата иницијатива и дека ќе се тркаме со независна листа за советници на локалните избори и сме независни од политичките партии“, истакна Елмедина Абдулау.
Според Мерита Максути, оваа иницијатива не е партиска, но не ја исклучуваат можноста да поддржат некој кандидат за градоначалник кој до сега не се докажал.
„Ние силно веруваме дека Општинскиот совет е поголем од институцијата градоначалник. Гледајќи како постапуваа некои градоначалници, веруваме дека независноста и придонесот што ќе го дадеме ќе биде многу подобар и потранспарентен. Освен тие кои се потврдени и кои работеле и кои сме ги виделе до сега“, посочи Мерита Максути.
Бленди Ходаи смета дека важно е да му се даде тежина на советот, бидејќи без него, еден градоначалник не може да направи ништо.
„Премиса на нашата цел „Подобро за Тетово“ е да се зајакне позицијата на општинскиот совет бидејќи сметаме дека позицијата на градоначалникот во советот е едно ништо, бидејќи сите одлуки поминуваат во советот. Тоа што ние сакаме да го направиме е да му дадеме значење на советот и граѓаните да знаат што е сработено во општинскиот совет и советот да ги знае грижите на граѓаните, да зборуваат гласно во општинскиот совет“, порача Бленди Ходаи.
За тетово.орг е веб страница што ја отвори граѓанската иницијатива, каде граѓаните имаат можност да се приклучат и да дадат свој придонес. Според нив во оваа иницијатива ќе има од сите етнички заедници, а очекуваат да можат да оформат и мнозинство.
