Активни се 12 пожари, три се под контрола – Перински: Општините да аплицираат за нова протипожарна опрема

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Противпожарните екипи се борат со огнената стихија во селата Малотино и Рамно кај Старо Нагоричане, при што се прават огромни напори да се одржи линијата на огнот за таа да не се префрли од другата страна на патот и да ги зафати соседните села. На овој терен се дејствува од воздух со два хеликоптери од кој еден е на МВР а другиот од Србија, а се гаси и од земја. Страотни се снимките од Пехчево каде се е пеплосано, а на одделни места се уште има активни пожари. Од Центарот за управување со кризи информираат дека има 12 активни пожари, а 3 се под контрола.

Главниот штаб за управување со кризи при ЦУК на кој присуствуваше и офицерот за врски на ЕУ механизмот за цивилна заштита Клер Ковалецки одржа состанок на кој се разгледуваше кризната состојба со пожарите.

„Со леталата дејствувавме онаму каде што беше најнеопходно во тој момент притоа на прво место давајќи приоритет на заштита на животите на луѓето, веднаш потоа на населените места и третиот критериум зимзелена односно најчеста борова шума. Во текот на денешниот ден хеликоптер на МВР заедно со српскиот хеликоптер дејствуваше на територијата на општина Старо Нагоричане кај селата Малотино и Рамно. Овој пожар се одвива на многу тежок пристапен терен на поголем дел и на целосно непристапен терен.“, рече Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.

Во справувањето со пожарите изминативе денови учествуваа и голем дел од локалното население. Но, колку локалната власт се вклучи во помагање за справувањето со пожарите. Според министерот за локална самоуправа Златко Перински состојбите во општините за првично гасење на огнот е на катастрофално лошо ниво, но ги повика градоначалниците да ги подобрат состојбите учествувајќи со проект во иницијативата за развој на општините од 250 милиони евра.

„Механизацијата е стара повеќе од 30-40 години. Како Влада ќе преземеме сериозни мерки во иднина да сето ова го смениме. Дополнително, вие веќе знаете дека ние најавивме и капитални инвестиции кои што ако ценат локалните самоуправи во периодот што следи можат да побараат да бидат финансирани и еден дел од ваков тип на механизација и опрема која што би требало во иднина да ја има“, изјави Перински.

Инаку во пожарите изминативе денови имаше изгорено и над 40-ина куќи, а имаше и итна евакуација на населението, откако огнот стигна и до населените места главно во источниот дел на земјава.