Аларм за бомба во пет училишта – пријавата во МВР пристигнала преку меил

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Електронската порака што ја доби Министерството за внатрешни работи ги остави без настава учениците од пет средни училишта во Скопје. Во меилот пишувало дека во училишните објекти се поставени бомби.

„Пријава за бомба во пет средни училишта во Скопје. Пријавата пристигнала во МВР преку и-меил. Антитерористичките единици излегоа на терен, а училиштата веднаш се евакуирани“, вели репортерката на ТВ21.

Од МВР велат дека добиле заканувачки и-меил дека во училиштата „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз Тито“, Раде Јовчевски-Корчагин“ и „Боро Петрушевски“ се поставени бомби.

Екипата на ТВ21 го посети училиштето „Орце Николов“, но не ни беше дозволено да се приближиме до објектот. Полициските екипи спроведуваа контроли.

„Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата. Подоцна, дополнително е пријавено дека иста закана пристигнала на меил во уште три училишта на територија на Скопје и таму, исто така, се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата. Веднаш се упатени тимови за антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот. Во дел од училиштата веќе е завршена проверката и утврдено е дека станува збор за лажна пријава“, посочија од МВР.

Ваквите пријави станаа доста честа појава во последно време. Последната беше пред една недела во Јавното сообраќајно претпријатие-Скопје, каде по добиен меил за поставена бомба, сите автобуси беа повлечени од сообраќај. Лицето во чие име е испратена електронската порака е уапсено, но подоцна беше ослободено од обвинението, бидејќи, како што беше соопштено, станува збор за злоупотреба на неговите лични податоци.