Албанија ги намалува цените на 212 производи до јануари 2027 година

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Потрошувачите во Албанија во наредните месеци ќе можат да купуваат дел од основните производи по пониски цени, откако земјата воведе мерки за ограничување на трошоците на домаќинствата. Намалените цени за 212 производи ќе важат до 12 јануари 2027 година, а кај одредени артикли попустите достигнуваат и до 40 проценти.

Мерката се спроведува во соработка со големите трговски синџири и добавувачите, со цел граѓаните полесно да стигнат до поповолни понуди за секојдневните потреби.

Паралелно со намалувањето на цените, албанската влада ја промовираше и дигиталната платформа „Pasqyra e Çmimeve“ („Огледало на цените“). Преку неа, потрошувачите можат да ги споредуваат цените на основните производи во различни супермаркети и да избираат каде ќе пазарат поевтино.

Во иницијативата се вклучени пет трговски синџири и 22 добавувачи. Платформата засега опфаќа 238 производи, распоредени во 13 категории, кои се достапни на 155 продажни места. До крајот на годината е планирано проширување на понудата на 1.000 производи.

Албанскиот премиер Еди Рама појасни дека не станува збор за општо административно ограничување на цените, туку за договор со трговците, придружен со поголема транспарентност на пазарот.

Со мерките властите очекуваат граѓаните полесно да ги споредуваат понудите и да ги намалат трошоците за купување основни производи. Сепак, колкаво ќе биде реалното влијание на иницијативата врз семејните буџети ќе може да се процени во наредните месеци.