Необичен инцидент во германскиот град Келн е предмет на полициска истрага, откако тинејџерка пријавила дека била сексуално вознемирувана од робот пред ресторан за брза храна. Истражителите проверуваат дали роботот бил програмиран да ги изведува спорните движења или со него директно управувале две млади лица.
Според полициските извештаи, случајот се случил во текот на ноќта меѓу саботата и неделата, додека девојката била со две пријателки пред локал за брза храна. Робот во црвена и златна боја ѝ пришол одзади, ја допрел по задникот, а потоа почнал да прави движења што потсетуваат на сексуален чин.
Во врска со инцидентот се истражуваат двајца млади мажи – 16-годишниот сопственик на роботот од Вегберг и неговиот 19-годишен пријател. Тие се осомничени дека го снимале настанот, го пренесувале во живо на социјалните мрежи и го коментирале додека се случувал.
По пријавата, полицијата ги пронашла двајцата во близина на местото на инцидентот. При интервенцијата, во багажникот на автомобил бил откриен робот висок околу 120 сантиметри. Според сомнежите на истражителите, таму го сместил малолетниот сопственик.
Полицијата привремено ги одзела и мобилните телефони на осомничените, со цел да ја анализира нивната содржина и да собере дополнителни докази.
Во текот на истрагата треба да се утврди како бил контролиран роботот, дали спорните движења биле однапред програмирани и каква била улогата на двајцата млади мажи во инцидентот.
