Новите воени напади во Украина и на Блискиот Исток ги зголемија стравувањата од нарушување на глобалното снабдување со енергенси, поради што цените на нафтата пораснаа за повеќе од два проценти. Цената на суровата нафта „Брент“ надмина 107 долари за барел, достигнувајќи го највисокото ниво во последните повеќе од две недели, додека американската нафта ВТИ се искачи над 93,80 долари за барел.
Според податоците на „Трејдинг економикс“, американската нафта ВТИ забележала раст трета трговска сесија по ред. Пазарите реагираат на продолжените напади врз енергетската инфраструктура и на зголемените безбедносни ризици во регионите што имаат клучна улога во светското снабдување со нафта.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија ги обновила нападите врз енергетската инфраструктура на Украина, вклучително и врз објект за производство на гас. Според Зеленски, со овие напади е прекршено енергетското примирје што претходно го најави американскиот претседател Доналд Трамп. Тој најави дека Украина ќе продолжи со нападите врз руски цели.
Дополнителна загриженост предизвикува и безбедносната состојба на Блискиот Исток. Саудиските власти пријавиле нови напади со беспилотни летала и крстосувачки ракети, по смртоносниот напад врз аеродромот во Ријад за време на викендот.
Коалицијата предводена од Саудиска Арабија пријавила и дополнителни напади за кои одговорност им се припишува на јеменските бунтовници Хути, поддржани од Иран.
Загриженоста на пазарите дополнително се засили по нападите врз танкери во Ормускиот Теснец, една од најважните поморски рути за транспорт на нафта во светот. Секое нарушување на сообраќајот низ овој теснец може да има значителни последици врз глобалното снабдување и движењето на цените.
Иако извозот на сурова нафта од Персискиот Залив досега останува на релативно високо ниво, новите инциденти ги зголемуваат стравувањата од можни прекини во испораките. Доколку безбедносните ризици продолжат да растат, пазарите би можеле да се соочат со дополнителни ценовни притисоци.
