Албанија прогласи за непожелни лица двајца државјани на Македонија, Ваљон Бела и Бекир Халими, објави Top Channel.
Според албанскиот медиум, одлуката е донесена од Министерството за внатрешни работи по предлог на Антитерористичката единица во Државната полиција.
Извори блиски до Top Channel информираат дека албанските власти обезбедиле податоци кои ги поврзуваат двете лица со активности за кои постои сомневање дека се на штета на безбедноста и интересите на земјата.
По објавувањето на веста од страна на албанските власти, веднаш следеше реакцијата на Ваљон Бела, кој ја оцени одлуката како политичка. Според Бела, административна одлука не може да ја поништи историјата, жртвата и неговиот придонес. Бела остро ја критикуваше и албанската Влада, тврдејќи дека одлуката е политички мотивирана.
„Една административна одлука не може да ја прогласи историјата, жртвата и придонесот на еден Албанец за ‘персона нон грата’. Ако борец од трите албански национални војни биде прогласен за непожелен во албанската држава, тогаш прашањето не е само кој е прогласен за ‘персона нон грата’, туку каква порака ѝ се испраќа на нашата национална меморија.“, вели Ваљон Бела.
Албанските власти сè уште немаат дадено официјални детали за природата на активностите кои довеле до нивното прогласување за „персона нон грата“.
Да потсетиме дека претходно, од албанските власти за „персона нон грата“ беше прогласена Икбалe Бериша. Во одлуката потпишана од министерот за внатрешни работи Бесфор Ламалари, беше наведено дека причината за оваа одлука се темели на собраните информации, според кои, активноста на ова лице се оценува како закана за земјата, националната безбедност, како и јавниот ред и јавната безбедност.
