Албанија ја поддржува интеграцијата на Македонија во ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Албанската министерка за Европа и надворешни работи Елиса Спиропали која е во посета на Скопје, по средбата со колегата Тимчо Муцунски нагласи дека силно ја поддржуваат нашата држава на европскиот пат и тоа како што вели не само поради тоа што двете земји се партнери, туку затоа што, вели, нашата земја со јаки институции е сигурност за целиот регион.

– Албанија го поддржува интегрирањето на Македонија во Европската Унија, затоа што делиме заедничка иднина, вели Спиропали. Таа при тоа посочи дека мост на соработка меѓу двете држави е албанската заедница во земјава, како и македонското малцинство во Албанија.

– Овој став на Албанија е без двоумење што се однесува за односите со пријателската држава, Влада на Македонија. Освен Албанците во Македонија друг мост којшто не соединува е македонското малцинство во Албанија. Затоа ние го изменивме нашето законодавство за да се зајакне понатаму македонското малцинство, вели Спиропали.

Албанската министерка за Европа и надворешни работи нагласи дека голема е соработката меѓу двете земји во делот на трговската размена, туризмот и културата, а простор за соработка има, вели, и во делот на привлекување поголеми инвестиции, потоа да се отстранат ограничувањето меѓу компаниите. Спиропали најави дека значајна е изградбата на Коридорот 8, а најави дека на првата конференција, којашто ќе се одржи во февруари 2026 година во Тирана ќе биде можност да се потпише договор меѓу четири држави: Италија, Албанија, Македонија и Бугарија, со како што вели конкретни резултати.

Спиропали истакна дека потпишаните договори меѓу двете држави придонесуваат за полесно живеење, комуникација меѓу двата народи, а еден од нив е и за признавање на дипломите и научните истражувања. На денешната средба со министерот за надворешни работи, Муцунски разговарано е и за отворање на конзулат на Република Албанија во Битола, каде што е усвоена албанската азбука.