Сиљановска-Давкова на отворањето на 65. Струшки вечери на поезијата: Време е за катарза на човештвото

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вечерва во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга се обрати на отворањето на 65. Струшки вечери на поезијата.

За неа, Струга е град што живее во ритамот на поезијата и место каде што со децении се среќаваат светските поетски гласови и љубителите на убавата реч, нарекувајќи го „најпоетскиот град на планетата“, каде песните создаваат култура и трајни духовни вредности.

Во своето обраќање, таа истакна дека веќе 65 години Струшките вечери на поезијата ги поврзуваат меридијаните и го обединуваат светскиот поетски сој во Струшката бунтовна република на поетите, којашто се залага за подобар и похуман свет.

Сиљановска-Давкова потсети на минатогодишното прашање за смислата на поезијата во време на војни, конфликти, дигитализација и отуѓување, оценувајќи дека и покрај сè поизразеното влијание на алгоритмите и вештачката интелигенција, поезијата и натаму ја задржува моќта да го менува човекот и општеството.

„Бедата на светот и отчовеченото до непрепознавање човештво, не се искоренети и сѐуште се тука, дури и повидливо од лани. Не е доволно да ги покриваме очите и да се затскриваме. Време е да се соочиме со бедата на светот, нашата човечка беда. Време е за катарза, клекнати пред ѕидот на срамот, подолг и од Кинескиот“, порача таа.

Посочувајќи дека книжевноста не е само естетски израз, туку и форма на општествен бунт, претседателката ги истакна пораките од творештвото на овогодишната лауреатка Анеке Брасинга.

На крајот од обраќањето, таа рече дека присуството на фестивалот за неа не е само церемонијална и протоколарна претседателска должност, туку претставува привилегија и радост, по што официјално ги прогласи 65. Струшки вечери на поезијата за отворени.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката.

Да се биде во Струга, е дар за сетилата и мелем за душата, не само за Констатин Миладинов, туку и за мене. Струга сѐ уште е град на убавите струшки моми и град во којшто еснафот сака да има дуќан.

Во Струга завршува љубовната идила и прегратка на Охридското Езеро и Црн Дрим, реката што тече во ритамот на поезијата.

Струга е најпоетскиот град на планетава, градот што живее од емотивни изблици и со нив, во којшто песните креираат слики на радост и тага, плач и смеа, еднината станува множина, односно дело и култура.   

Веќе 65 лета, овој поетски дом поврзува меридијани, го соединува и обединува светскиот поетски сој со љубителите и почитувачите на убавата реч во старата, но витална Струшка бунтовна република на поетите, кои се борат за подобар и похуман живот.

Шест и пол децении сме благословени да бидеме домаќини на мајсторите на јазикот и алхемичарите на мислата, преточувајќи ги во естетика и етика.

Струга видела и неа ја виделе многубројни врвни учесници и лауреати на Златниот венец, поетски роднини на Прличев. Нивните имиња се посеани во Паркот на поезијата, заедно со засадените дрвја, како верни сведоци на безграничноста на поезијата.  Благодарение на нив и на неа, ја победуваме ефемерноста на настаните и нештата што нѐ вознемируваат и нервираат со вечноста на духот. 

И годинава, овде во Домот на поезијата „Браќа Миладиновци“ сведочиме за едноставноста и скромноста на маговите на зборот, кои рецитираат небаре водат битка на живот и смрт, нѐ тревожат или галат, отвораат универзуми, нѐ соочуваат со болните вистини, нѐ фрлаат или спасуваат од водите на Дрим, небаре јагули желни за Саргасовото Море, нѐ учат и поттикнуваат на непокор, слобода, пркос, чувствителност и мудрост.

Како езерски самовили, Струга и Охрид се сакаат, разбираат и си помагаат, па стиховите традиционално ќе ја исполнат и Света Софија, како и црковните бисери, Св. Наум и Св. Богородица Перивлепта, зазвучувајќи божествено со божјиот благослов. 

Минатата година токму овде, на почетокот 64-тите СВП, во духот на словенската антитеза, се запрашав себеси, но и присутните за смислата на поезијата во овие тегобни времиња на војни и конфликти, виртуелни дигитални ентитети, кастрирани емоции, лажна и патетична ПР солидарност, страотна рамнодушност и апатија, како и вулкански ерупции на гнев и омраза… 

И покрај наездата од алгоритми и сурова вештачка интелигенција, сепак, поверував дека поезијата сѐ уште има моќ да го менува, па и да го спаси светот, како што рече Жан Пјер Симеон. Затоа сум пак тука, „за да го чуеме и почувствуваме чудниот глас што не може и не сака да исчезне“, како што рече минатогодишниот лауреат Иван Штрпка.

Големиот Андре Бретон, творецот на надреализмот, пред речиси осум децении во неговата „На патот за Сан Романо“, напиша  дека „поетската како и љубовната  прегратка го покриваат погледот на бедата на светот“. Инаку ако побарате од семоќната и сеумната вештачка интелигенција да ви го најде македонскиот препев на оваа песна, ќе останете  без одговор, па ви остануваат старите, верни библиотеки и книги.

Бедата на светот и отчовеченото до непрепознавање човештво, не се искоренети и сѐ уште се тука, дури и повидливо од лани. Не е доволно да ги покриваме очите и да се затскриваме. Време е да се соочиме со бедата на светот, нашата човечка беда. Време е за катарза, клекнати пред ѕидот на срамот, подолг и од Кинескиот.

Но уметноста е буревесник. Книжевноста била и останува да биде не само естетски, туку и општествен бунт. Звучам утописки?  

Еве што велат стиховите на нашата овогодишна лауреатка, венценоска Анеке Брасинга во песната „Кракотрајно“.

„Само атомите и празнината се бесмртни“,

рече Лукрециј. Она што нè врзува е тоа што сите

ние ќе бидеме разложени до атоми.

Она што нè врзува е што сме минливи и се љубиме,

што повеќе го чувствуваме нашето заедничко спознание

за смртноста на битието, на еден кон друг, отколку за тие

проклети атоми. Смртта е премала

и преголема, но животот е посилен, се соединува

со краткотрајната сила на слабото,

во особената случајност

на оваа телесна средба, во радоста

што сите атоми ги надминува.

Дозволете на крајот, уште еднаш да потенцирам дека, за мене, можноста да бидам со вас не е само церемонијална и протоколарна претседателска должност. Таа е привилегија и радост.

Затоа, со особена чест и задоволство ги прогласувам 65. Струшки вечери на поезијата за отворени.


Да уживаме во поезијата страсно!