Општопознато правило во вселената е дека ништо не може да побегне од незаситната гравитација на црната дупка. Сепак, моќните гравитациски бранови настанати од масивен судар на две суперџиновски црни дупки нè доведоа до самиот раб на научното сознание — носејќи го со себе првиот досега забележан „потпис“ на хоризонтот на настани.
Научниците долго теоретизираа дека специфичен тип гравитациски бран, познат како „директен бран“, може да содржи информации за својствата на хоризонтот на настани. Сега, тимот истражувачи верува дека конечно го идентификувал овој сигнал, пишува ScienceAlert. Наодите од ова револуционерно истражување се објавени во престижното списание Nature.
Прозорец кон невидливото
Хоризонтот на настани не е самата црна дупка, туку границата што го дели видливиот универзум од подрачјето од каде што нема враќање. Бидејќи оваа граница не емитува, не рефлектира и не ја распрскува светлината, невозможно е директно да се набљудува со класични телескопи.
„Хоризонтот на настани не е нешто што можат да го видат нашите очи бидејќи оттаму ништо не излегува. Но, гравитациските бранови ни отвораат сосема поинаков пат“, објаснува теоретскиот физичар Сиженг Ма од канадскиот институт „Периметер“.
Кога две црни дупки орбитираат една околу друга и конечно се спојуваат, тој насилен процес го нарушува самото простор-време во непосредна близина на хоризонтот на новосоздадената црна дупка. Овие вибрации патуваат низ вселената и стигнуваат до нашите детектори на Земјата.
Од „одѕвонување“ до „директен бран“
Кога црните дупки ќе се спојат, новосоздаденото тело почнува да „одѕвонува“ како ѕвоно. Овие бранови на одѕвонување се нарекуваат квазинормални модови и се дефинирани од масата и ротацијата на црната дупка, но тие првенствено се поврзани со светлосниот прстен околу црната дупка, а не со нејзината внатрешна граница.
Новата теорија го користи токму директниот бран. Како што двете тела се спојуваат, екстремната гравитација буквално го повлекува простор-времето со себе, ги поместува сигналите кон црвениот спектар и емитува еден специфичен, нагло пригушен вртлог кој доаѓа директно од работ на хоризонтот.
Невообичаено гласен и јасен сигнал: GW250114
Колку се суптилни гравитациските бранови? Додека да стигнат до Земјата, тие го шират и стеснуваат простор-времето за големина помала од ширината на едно атомско јадро. Затоа, за ова откритие беше потребен неверојатно моќен космички настан. Тој настан е заверен под кодот GW250114 — досега најчистиот и најгласниот сигнал на гравитациски бран некогаш забележан во историјата.
Иако научниците во почетокот биле скептични поради сложеноста на податоците, прелиминарните проверки покажале дека сигналот совршено се совпаѓа со теоретските математички модели. Расположението кај тимот брзо преминало од претпазливост во чисто воодушевување.
