Албанија почна да ги казнува учесниците на протестите: Изречени 83 парични казни

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Албанските власти започнаа со примена на новите построги правила за учесниците на протестите, а првите санкции веќе се изречени. По демонстрациите што се одржаа во средата вечерта во Тирана, полицијата казнила 31 лице, со што бројот на изречени казни во последните неколку дена се искачи на 83.

Според соопштението на албанската полиција, казнетите граѓани го блокирале патот и го попречувале движењето на возилата, и покрај предупредувањата што полициските службеници им ги упатувале преку мегафон. За секој од нив е предвидена административна казна од 5.000 леки, односно околу 55 евра.

Новите правила, иницирани од владата на премиерот Еди Рама, стапија во сила на 28 октомври. Рама ги претстави како пакет мерки против насилството и, како што го нарече, „урбаната анархија“, по ескалацијата на антивладините протести во главниот град.

Со законските измени се предвидуваат парични казни за учество на неодобрени собири, непочитување на полициските наредби за разотидување, прикривање на идентитетот со маски, како и блокирање на сообраќајот. За непочитување на наредбата за разотидување и криење на идентитетот, Рама најави казни до 5.000 евра по учесник, додека за попречување на сообраќајот санкцијата изнесува 55 евра.

Новите мерки предизвикаа реакции и од претставници на Европската Унија. Амбасадорката на ЕУ во Албанија, Софија Мореира де Соуса, потсети дека мирните протести се составен дел од демократскиот живот и дека барањата за транспарентност, отчетност и борба против корупцијата треба да се решаваат преку дијалог.

Таа нагласи дека насилството нема место во демократското општество, но и дека секоја реакција на насилни постапки мора да биде пропорционална и во согласност со законот.

Дел од демонстрантите сметаат дека новите казни се обид за заплашување. Фотографката и активистка Меи Сева за БИРН изјавила дека и самата била казнета со 5.000 леки, откако присуствувала на мирен протест пред кабинетот на премиерот. Таа тврди дека полицајци ја легитимирале и подоцна ја казниле со образложение дека го блокирала патот.

Во меѓувреме, 15 организации на граѓанското општество побарале од парламентот да ја запре примената на одредбите што се однесуваат на јавните собири. Според нив, новите правила неоправдано ги ограничуваат уставно загарантираните права и слободи.

„Насилните постапки на поединци не смеат да се користат за општо ограничување на правото на граѓаните на мирно собирање, ниту за наметнување колективна одговорност врз учесниците или организаторите на протестите“, се наведува во нивното соопштение.

Протестите во Албанија започнаа на 31 мај, по реакциите против плановите за изградба на луксузен туристички комплекс во заштитена еколошка зона во Звернец, проект поврзан со Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп. Со текот на времето, демонстрациите прераснаа во пошироко антивладино движење со барања за оставка на Рама, кого демонстрантите го обвинуваат за корупција и лошо економско управување.

Во октомври протестите ескалираа, а во Тирана беа забележани судири меѓу полицијата и демонстрантите. Премиерот Рама засега одбива да се повлече од функцијата.