Албанија со раст на туризмот – 6,6 милиони посетители за седум месеци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во првите седум месеци од годинава Албанија ја посетиле 6,6 милиони туристи, што претставува пораст од четири проценти во однос на истиот период лани, покажуваат најновите податоци на Институтот за статистика – ИНСТАТ. Тоа значи дека земјата имала над 225 илјади повеќе посетители споредено со 2023 година.

Според анализата, туризмот и понатаму е еден од најсилните двигатели на албанската економија, а директно влијае и врз зголемувањето на вработеноста.

Најголемиот дел од туристите доаѓаат од Европа – дури 95 проценти од вкупниот број. Меѓу најчестите гости се туристите од Косово, Македонија, Италија, Шпанија и Франција, што ја потврдува позицијата на Албанија како регионална и медитеранска дестинација. Сепак, во пораст е и бројот на посетители од подалечни пазари, како САД, Азија и Африка, кои иако учествуваат со помал удел, бележат континуиран раст.

Според прогнозите, земјата до крајот на годината може да надмине 12 милиони странски посетители. Албанија сè повеќе добива меѓународна промоција како една од најатрактивните туристички дестинации, не само поради долгата крајбрежна линија, туку и поради планинските предели и другите природни убавини, што придонесува туризмот да се развива и надвор од летната сезона.