Албанија добива зелено светло на патот кон ЕУ. Неофицијално, Втората меѓувладина конференција од преговорите со Тирана е закажана за 15-ти октомври, а Македонија ќе продолжи да биде во чекалницата. Премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја состојбата, вели дека е подготвен за дијалог. Тој понуди уставните измени да станат факт во истиот момент кога Бугарија ќе го ратификува Протоколот за членство на Македонија во Европската Унија, односно на крајот од преговорите.
„Не треба повеќе на сметка на национални отстапки и идентитетски отстапки, без гаранции, да прифаќаме услови. За мене ова е диктат. Ако е ова условот за Македонија да продолжи да преговара тогаш, а тоа го кажав и во Брисел, – „не благодарам“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски вели дека одлуката за отворањето на преговарачките кластери со Албанија му била соопштена при неодамнешната посета на Брисел. Од друга страна, првиот вицепремиер Изет Меџити вели дека ќе чекал официјални информации.
„Да ги почекаме официјалните информации. Владата и ВРЕДИ остануваат посветени на ова прашање, кое е во врвните приоритети на нашите политики и се надеваме дека брзо ќе најдеме решение“, изјави Изет Меџити, прв вицепремиер.
Жестоки критики сподели претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Раздвојувањето на Македонија од Албанија на патот кон ЕУ, тој го оцени како тежок пораз за политиките на власта и катастрофа за иднината на граѓаните. Според него, Македонија ќе остане изолирана.
„ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски на граѓаните им сервираа една голема изборна измама. Преку куп лаги и манипулации тие се обидоа да ја скријат вистинската намера, а вистинската намера е дека ниту имаа план, ниту сакаат државата да напредува и да се развива во и кон Европската Унија“, изјави Венко Филипче од СДСМ.
Во однос на најавите на Мицкоски за нов дијалог со Бугарија, Филипче кажа дека со заострената реторика од последниот период, Македонија може да добие само полош договор.
