Албанската опозиција нема никаков интерес за разговорите меѓу Македонија и Бугарија – изјави вчера во емисијата Клик Плус, министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
„Кај албанската опозиција не гледам никаков интерес освен да најдат нешто за да ја напаѓаат ДУИ или мене за некој нивен ситен интерес. За жал тоа е нивото на политичка зрелост, ќе им треба време. Не доставиле никакво барање ниту покажале интерес“, истакна Бујар Османи.
Но, пред неколку дена лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, го изјави спротивното. Според него власта ја исклучила опозицијата од преговорите.
„Доколку Владата не сака дебата со опозицијата, не ја информира опозицијата, не е заинтересирана за мислењето на опозицијата, туку сама го води овој процес тогаш нема зошто да се образложи со опозицијата. Тие се сами виновни, бидејќи тоа е исклучување, ние сме тука за да помогнеме“, посочи Африм Гаши.
А денеска пред вратите на Министерството за надворешни работи прес конференција одржа Секторот за надворешни работи на Алијанса за Албанците. Арбен Фетаи, рече дека Османи се обидува да најде дежурен виновник за неуспесите на оваа Влада.
„Верувам дека тоа е префрлување на вината, нешто што го спомнав претходно. Се обидуваат да најдат дежурен виновник, надвор од Владата. За жал Бујар Османи го гледам како дезертер, тој беше одговорен за европските интеграции со години, а во моментот кога видоа дека интеграциите имаат застој поради нив, ги спомнав коруптивните случаи, како што е „Рекет“. Бугарското вето сега е за не спроведување на Договорот за добрососедство“, вели Арбен Фетаи.
Инаку лидерот на оваа партија, Зијадин Села, пред неколку дена рече дека виновниците за неуспехот на интеграцијата во ЕУ имаат име и презиме и побара оставки од Османи, Димитров и Заев.
