Уставните амандмани треба веднаш да се стават на гласање. Ако не поминат, Собранието треба да се распушти. Ова беше повикот што заеднички го упатија трите опозициски партии наречени опозициски блок, Алтернатива, Движење Беса и Демократско движење. Тие бараат од претседателот на Собранието Талат Џафери да ги стави на дневен ред амандманите за бришење на 20 отсто за албанскиот јазик од Уставот, како и амандманот против застареност на случаите на политичка корупција.
-Бараме претседателот на Собранието итно да ја стави на гласање потребата од измена на Уставот, за да ја поминеме првата фаза од уставните измени и да влеземе во суштинскиот процес на овие измени. После тоа, го повикуваме да не се крие зад неосновани оправдувања, туку да ги стави во процедура амандманите за отстранување на навредливото име „20%“ за албанскиот јазик, како и амандманот против застареност на случаите на политичка корупција-рече Гаши.
Овој повик на опозицискиот блок доаѓа по информацијата што ја обелодени самиот Африм Гаши во SummerClick на Тв21 дека парламентарното мнозинство сака да ја одолговлекува расправата во Собранието, бидејќи се уште не обезбедиле 80 гласа. Но, дали предвремените избори се решение за иднината на државата? Првиот вицепремиер на Владата, Артан Груби, рече дека сите пратеници треба да ги поддржат уставните измени бидејќи Северна Македонија нема ништо да изгуби од нив.
Демократскиот сојуз на Павле Трајанов за утрешната седница повика да се одлучи за распуштање на Собранието и да се одржат вонредни избори во рок од 60 дена.
Инаку, Гаши на конференцијата не откри дали седумтемина заеднички пратеници на нивните три партии ќе гласаат за измените во формата во која се во моментов.
