Доколку Премиерот размислува за проширување на мнозинството, нека не покани на состанок за да го разгледаме неговиот концепт, изјави вчера во Клик Плус, Африм Гаши, коалициски партнер на Алијанса за Албанците.
„Јас сум убеден дека доколку се реши прашањето со државјанството, се направи патот Скопје – Блаце, се реализираат капитални инвестиции, имаме економско закрепнување, ќе влезам. Но доколку Заев само блефира, каква корист имам јас да бидам дел од Влада?!“, истакна Африм Гаши.
Доколку идејата е за Влада со мандат до следните парламентарни избори, Гаши вели дека би седнал со неговиот коалициски партнер Зијадин Села, за да разговараат за условите кои извираат од нивната изборна програма. Тој спомна уште еден услов, заминувањето на ДУИ од Влада.
„Доколку денеска г. Заев не повика да бидеме дел од Владата, ние секако дека ќе бараме ДУИ да не биде таму“, посочи Африм Гаши.
Но, изгледа идејата на Премиерот не е таа. Тој, иако не дебатирал ниту со неговата партија или коалициските партнери, ги повика сите да им се приклучат во извршната власт со цел државата да се движи напред. Но, има еден проблем – претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.
Од досегашните тврдења на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, изгледа дека ниту Мицкоски не планира да биде заедно на власт со неговиот политички ривал. Од Белата палата велат дека „Договор со криминал и криминалци нема“
И албанските партии во Владата, ДУИ и Движење Беса не дадоа позитивни сигнали за оваа идеја. Лидерот на интегративците Ахмети се огради, а потпретседателот на Беса, Кастриот Реџепи за ТВ21 рече дека во принцип не го поддржуваат предлогот на премиерот. Спротивставувања имаше и од малите партии кои се дел од Владата.
