На свечен начин беше отворена „Алејата на Украина“ во центарот на Скопје, каде беше организирана изложба на фотографии кои го прикажуваат уништеното културно наследство на Украина.
Амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Лариса Дир, истакна дека заедно со општина Центар и Здружението на Украинците „Лесја Украинка“, по повод Денот на независноста на Украина, се отвора катчето на Украина во срцето на Скопје.
-Северна Македонија ја поддржува и помага Украина во сите можни сфери. Вие сте наши сигурни пријатели и сојузници. Заедно со вас да се бориме за демократската иднина на светот. Сакам да се заблагодарам на општина Центар, на македонскиот народ и на патриотското здружение на Украина. Ве повикувам да се запознаете со фотографиите од злосторствата на Русија врз Украина. Поточно погледнете ги фотографиите од уништувањето на културното насњледство на нашиот народ, истакна амбасадорката Дир.
-За сите нас Украинците во Северна Македонија, голема чест и задоволство е да се отвори „Украинско катче“ во центарот на Скопје, во срцето на Македонија, рече Олександер Урбановиќ, преседател на украинското здружение.
Амбасадорката на Украина ги покани присутните да ги поглднат фотографиите од злосторствата на Русија врз Украина, поточно фотографиите од уништеното културно наследство на украинскиот народ.
Според неа, на фотографиите се гледаат рушевини од цркви, училишта, спортски терени, библиотеки, болници погодени од руски ракети и руски авиони. Некогаш богати градови се претворија во урнатини.
