Во пресрет на формирањето на техничката Влада, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, излезе со порака до сите граѓани на Македонија дека со изборот на првиот премиер Албанец, Талат Џафери стануваме рамноправна држава и општество и ги надминуваме сите предрасуди.
-Утре е историски ден. Утре, 28 јануари 2024 година, ќе го избереме првиот албански премиер на Северна Македонија. Овој ден е историски, како за Албанците, за Македонците, така и за сите останати, бидејќи стануваме рамноправна држава и општество и ги надминуваме сите предрасуди. Заедно ја преземаме одговорноста да ја водиме државата, не еден по друг, туку рамо до рамо, заедно, за европска Македонија-вели Ахмети.
Лидерот на интегративците ги повика сите граѓани да си подадат рака меѓу себе и да се обединат околу нештата што нѐ зближуваат, бидејќи, како што рече што и да се случи утре, ова ќе го дефинира животот на идните генерации. Ахмети прашува дали сакаме на нашите наследници да им оставиме европска или проруска Македонија?
-Што и да правиме утре, ова ќе го дефинира животот на генерациите по нас. Дали сакаме на нашите внуци и внуки да им оставиме европска Македонија или проруска Македонија, демократска или диктаторска земја, мир или конфликт, напредок или тапкање во место? Токму затоа мора да се обединиме! Овие процеси се поголеми од секој од нас, но во наши раце е да изградиме мостови и да го отвориме патот за остварување на соништата-вели Ахмети.
Ахмети вели дека првиот премиер Албанец е ветување и веќе остварен сон. Не само што верувам, туку тоа и ќе биде, рече пред четири години Ахмети, на прашањето дали навистина може премиерското место да му припадне на Албанец.
