Алијанса/Алтернатива со предизвик за ДУИ – „Да се тркаме на изборите, но без гласовите на Македонците“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

На локалните избори, Алијанса за Албанците и Алтернатива сакаат да си ги измерат силите со ДУИ. Тие сакаат да видат кој е победник во албанскиот блок, не сметајќи на гласовите на македонските партии. Двајцата лидери  на оваа коалиција Зијадин Села и Африм Гаши го поканија Али Ахмети да се соочат двете страни посебно, во еден кампус ДУИ, Движење Беса и ДПА кои се дел од власта, а во другиот кампус коалицијата АА-ААА.

„Бидејќи доаѓаат локалните избори, еве јас упатувам  повик и директен апел, предизвик до ДУИ, оставете ги коалициите со СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Дали сте подготвени да се соочите со нас двете страни посебно. Како во 2017! Алијанса за Албанците и Алтернатива на едната страна, и Али Ахмети со сите други албански партии од влада на другата страна. Дали го прифаќате овој предизвик? Ги прашувам јавно“, истакна Зијадин Села.

„Да ги оставиме настрана македонските партии, ајде заедно да одиме на избори. Два албански политички кампуса, да се натпреваруваме во секоја општина и да видиме кој ќе победи на изборите. Мислам дека ова е наш искрен повик. Да не се занимаваме дали сме со СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ. Ајде ако сте согласни да одиме заедно на избори и кој ќе победи да си подадеме рака еден на друг“, посочи Африм Гаши.

Но дали ќе прифати ДУИ ваков предизвик на албанската опозиција? Артан Груби, генерален секретар на ДУИ вели дека немаат дискутирано за можни коалиции, бидејќи, според него, внатрепартиските анкети но и оние јавните ја одредуваат ДУИ како апсолутен победник на локалните избори во октомври, како прва партија во сите општини.

„За разлика од опозициската коалиција, немаме дискутирано за предизборни коалиции со македонски партии, но сме фокусирани на реализација на нашите ветувања и исполнување на очекувањата на граѓаните. Самото опстојување на политичката сцена, опозициската коалиција пред секој изборен процес се обидува да го оствари преку нелогично споредување на себеси со ДУИ наместо да понесе одговорност и да ги прифати загубите и неуспесите едно по друго во сите изборни процеси до денес“, вели Артан Груби.

Инаку локалните избори се очекува да се одржат во октомври оваа година.