На светот денеска му недостига идеализам, но не во смисла на утопија, туку на право, правда, морал и етика, истакна претседателката Гордана Силјановска Давкова на средбата со членките на Советот за женско претприемништво во Битола.
Во интерактивен разговор со членките на Советот, формиран од Општина Битола, Силјановска Давкова говореше за актуелните состојби во светот, улогата на жената и предизвиците со кои се соочува современото општество.
„На светот денеска му недостига идеализам. Кога велам идеализам, не мислам на утопија, туку на право, на правда, на морал, на етика. Секој ден нè убедуваат во реалната политика, но последиците се дарвинизам. Етиката, моралот, принципите и вредностите мора постојано да се бранат и спојуваат“, порача Силјановска Давкова.
Таа посочи дека војните и глобалните конфликти оставаат долгорочни последици и нагласи дека поголем простор треба да се дава на културната дипломатија.
„Културната дипломатија е поплодна и посилна, почовечка од традиционалната дипломатија. Подобра е мировната или превентивната дипломатија, отколку реактивната дипломатија“, рече претседателката.
На средбата присуствуваа и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, и претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојковски.
