Како најважни проекти во текот на неговите 100 дена како министер за информатичко општество и администрација, министерот Азир Алиу ги истакна создавањето на дигитална агенција, стратегијата за дигитална трансформација на стопанството, реформите во администрацијата и реформите во медиумите, особено за порталите и електронските медиуми. Ја спомна и подготовката на законот за плати, чие донесување, според Алиу, е тешко бидејќи има незадоволство од разни институции и тешко е да се создаде како систем.
„Законот за плати е многу важен и е наш приоритет како министерство но и како држава. Моментално немаме модел за плати и како резултат, на пример имате еден вработен во јавната администрација чиј опис на работа е ист како на друг вработен во друга институција и имаат различни плати, дури разликата е до 30-40 отсто. Недостига формила, структура, јасен индикатор како да се создадат плати. Тоа е многу поврзано и со другите министерства, така да интензивно работиме и сме имале средби. Верувам дека наскоро ќе го имаме последниот драфт. Има несогласување меѓу разните институции“, вели Азир Алиу.
Што се однесува до обвиненијата за непотизам од Алтернатива дека Алиу го вработил својот зет во неговиот кабинет, министерот рече дека тоа не е точно, односно тој е зет на семејството а не негов зет.
„Тој не е зет од ќерката или сестрата. По правен пат тоа можете да го проверите и да покренете постапка. Се е во ред, нема никаков непотизам, тој е зет на семејството Алиу, но не мој зет“, вели Азир Алиу.
Алиу ја спомна и програмата „ДигиталЕра“ која, според него, на драстичен начин го сменила пристапот кон јавните услуги и го намалила времето на чекање за овие услуги.
