Министерот за здравство, Азир Алиу, изјави дека реконструкцијата на Владата и сите останати активности не би биле логични доколку биле предвидени и предвремени избори. Како што рече Алиу, со коалициските партнери треба да се фокусираат во двегодишниот период до редовните избори да ги затворат сите отворени прашања, нагласувајќи дека пред нив стојат големи предизвици кои очекуваат решенија.
„Не би било логично да се прават овие промени и да се троши целата оваа енергија доколку сме планирале предвремени парламентарни избори. Очекуваме сите овие отворени процеси да имаат поголемо влијание врз општеството, и во економска смисла и во однос на благосостојбата на граѓаните. Поради тоа се реорганизираме внатрешно за резултатите да бидат повидливи и побрзи, а секое друго политичко реорганизирање не би имало никаква логика доколку одевме на предвремени парламентарни избори, бидејќи знаете дека три месеци пред нив мора да имаме техничка влада, што го стеснува просторот за дејствување. Не само во периодот непосредно пред изборите, туку и шест месеци претходно Владата е делумно пасивна. Имаме многу големи предизвици и барања кои се реални и оправдани и на кои мора да им понудиме решенија. Во наредните две години треба да се фокусираме и да ги завршиме сите процеси што се отворени“, изјави Алиу во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21.
