По повод Светскиот ден без тутун, Министерството за здравство, заедно со ИЈЗ и СЗО се приклучува на одбележувањето на глобалната кампања на СЗО на тема „Разоткривање на привлечноста – спротивставување на зависноста од никотин и тутун“.
Министерот за здравство, Азир Алиу истакна дека во заедничка соработка со СЗО, Институтот за јавно здравје, како и Центрите за јавно здравје, локалната самоуправа и локалните здравствени домови, отпочнати се координирани активности за зајакнување на услугите за откажување од пушење на локално ниво.
-Сакам да потсетам за уште една значајна новина која ја воведовме, а тоа е дека Министерството за здравство ја ажурираше есенцијалната листа на лекови и во неа првпат се ставени лекови за одвикнување од пушење и контрацептивни средства – трансдермалните фластери и никотинските гуми за џвакање. Целта е да се зголеми нивната достапност, да бидат препознаени од јавноста и од фармацевтските компании за нивната потреба да се користат и матичните лекари да ги препишуваат, истакна на денешната прес – конференција министерот за здравство, Азир Алиу.
Паралелно, тој додаде дека се работи и на системско зајакнување на овој сегмент, преку новиот предлог закон за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи, кој е усогласен со европските норми и регулативи и овозможува долгорочно унапредување на заштитата на јавното здравје во овој аспект.
-Продолжуваме со партнерите СЗО и ИЈЗ со заеднички заложби за подигнување на јавната свесност за откажување од пушењето и заштита на здравјето. Целта на овие активности е поголема достапност на советувалиштата за откажување од пушење, зајакнување на системот за упатување, како и континуирана поддршка на овие лица, со посебен фокус на младата популација, додаде Алиу.
