Алиу: Реконструкција на Влада за ефикасност, не за избори – ги отфрла гласините за негово заминување од здравството

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за здравство Азир Алиу, во емисијата „Клик Плус“, зборувајќи за процесот на реконструкција, истакна дека Владата спроведува реорганизации и промени на раководни позиции врз основа на потребите на институциите, а не поради надворешни политички фактори. Тој соопшти дека коалициските партнери започнале разговори за перформансите на министрите и распределбата на ресорите, но без да открие конкретни детали.

„Од албанскиот партнер во Владата, како што знаете, уште на почетокот имавме ситуации во кои две позиции требаше да бидат преформатирани. Тоа не се однесува на другите две партии, бидејќи уште на стартот имавме позиција без заменик-министер што треба да се дефинира, како и министерство што треба да се реорганизира. Тоа е нашата почетна точка и секогаш тргнуваме од непосредните потреби за да се најдат луѓе кои ќе управуваат со овие институции“, вели министерот за здравство, Азир Алиу.

И покрај тоа што неговото име се споменуваше како можен кандидат за друг ресор по реконструкцијата на Владата, Азир Алиу навести дека ќе продолжи да биде министер за здравство, бидејќи, како што рече, „во секој ресор каде што има резултати треба да има континуитет во интерес на институциите и процесите што се одвиваат во нив“.

„Ова е позиција за која треба да бидеме малку понеутрални и да им оставиме на политичките структури и институциите да одлучат како понатаму. Важно е да има континуитет во секоја институција, не само во здравството, поради динамиката на процесите. Во здравството, покрај промените, потребна е и навремена реализација, бидејќи во здравството и времето е здравје“, вели министерот за здравство, Азир Алиу.

Според Алиу, реконструкцијата на Владата јасно покажува дека не се планираат предвремени парламентарни избори, бидејќи, како што нагласи, би било нелогично да се вложува енергија во владини промени доколку земјата наскоро би одела на избори. Тој истакна дека коалициските партнери во следните две години, до редовните избори, треба да се фокусираат на завршување на отворените процеси и справување со економските предизвици и барањата на граѓаните. Според него, предвремените избори значително би ја ограничиле работата на Владата поради периодот на техничка влада и предизборните активности.