Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) реагира на навредливите и вознемирувачки содржини објавени на социјалната мрежа Фејсбук, насочени кон новинарката Милка Смилевска, оценувајќи дека тие содржат директни закани и повикување на физичко насилство.
Од Агенцијата посочуваат дека ваквите пораки ја надминуваат границата на дозволено изразување несогласување и критика, особено поради нивната содржина која претставува сериозна закана за личната безбедност и достоинството на новинарката.
Како особено загрижувачки се издвојуваат коментарите објавени под фотомонтажа со ликот на Смилевска, меѓу кои и пораката „кршење на коски на ороспии платени од Сорос сатаната“, која, според АВМУ, претставува експлицитен повик за физичко насилство.
Од Агенцијата нагласуваат дека секој има право да не се согласува со ставовите, мислењата и професионалната работа на новинарите, како и јавно да ги изнесува своите критики. Сепак, тоа треба да се прави преку аргументирана дебата, факти и издржани ставови, а не преку навреди, лични дискредитации, заплашување и повикување на насилство.
АВМУ потсетува дека дигиталниот простор не е надвор од правилата и механизмите за заштита на личната безбедност и достоинството и оценува дека надлежните институции треба сериозно да ги разгледаат ваквите случаи и да преземат соодветни мерки во рамките на своите законски надлежности.
„Во демократско општество различните ставови и мислења треба да се соочуваат преку аргументирана дебата, а не преку закани и насилство“, порачуваат од Агенцијата, додавајќи дека новинарите мора да имаат услови слободно, независно и без страв да ја извршуваат својата професија.
