АЛТА банка во Битола се огласи по одлуката на Народната банка на Србија да ѝ ја одземе дозволата за работа на АЛТА банка во Србија, објави ТВ21. Од АЛТА банка во нашата земја ги уверуваат клиентите дека банката во Северна Македонија функционира независно и дека не е засегната од случувањата во соседната држава.
Во соопштението до јавноста, банката нагласува дека е самостојно правно лице, регистрирано во Северна Македонија и под директен надзор на Народната банка.
„АЛТА банка АД Битола е ликвидна и продолжува со редовно и непречено работење. Сите експозитури и банкомати во вообичаениот режим, а клиентите имаат непречен пристап до своите средства“, се наведува во соопштението.
Од банката посочуваат дека клиентите можат слободно да располагаат со своите депозити, да подигнуваат пари и да ги извршуваат сите банкарски трансакции, без ограничувања надвор од вообичаените услови за работење.
„Настаните поврзани со банката во Србија не значат автоматски промена на финансиската состојба или правниот статус на АЛТА банка АД Битола.“, се наведува понатаму во реакцијата.
Банката истакнува дека околностите во Македонија суштински се разликуваат од оние во Србија, додавајќи дека не е изложена на слични политички притисоци и судири какви што ги одбележаа случувањата во соседната држава.
Во однос на депозитите, АЛТА банка потсетува дека депозитите на физичките лица се осигурени преку Фондот за осигурување на депозити, согласно условите и законски утврдените лимити.
„АЛТА банка АД Битола останува посветена на заштитата на интересите на своите клиенти, финансиската стабилност и одржувањето на довербата“, се наведува во соопштението.
