Директорот на Управата за животна средина, Игор Никоски, изјави дека цементарницата УСЈЕ уште на крајот на 2018 година започнала со користење алтернативни горива како замена за фосилните, со стапка на замена до 15 проценти.
Како што појасни, станува збор за горива добиени од цврст отпад, биомаса и земјоделски отпад, вклучително и оризова лушпа, како и одредени отпади од текстилната индустрија.
Според годишниот Извештај за состојбата со животната средина за 2024 година, Никоски нагласи дека не биле увезувани алтернативни горива за енергетски цели, поради важечката законска забрана за увоз на отпад, утврдена во Законот за отпад. Како алтернативни горива кои се користеле во 2024 година, тој ги наведе биомасата од земјоделски отпад, лушпите од ориз и кафе, селектиран отпад од текстилната индустрија, отпад од пакување што не може да се рециклира, како и пластичен отпад што не може повторно да се искористи или рециклира.
Никоски потенцираше дека употребата на алтернативни горива е една од препораките за најдобро достапни практики во цементната индустрија и е дел од концептот на циркуларната економија. Како придобивки, тој ги истакна намалувањето на употребата на необновливи фосилни горива, намалувањето на емисиите на стакленички гасови, како и обновувањето на енергијата на самото место на настанување.
Во однос на емисиите во воздухот, директорот појасни дека тие претставуваат отпадни гасови од процесот на согорување и прашина. Согласно Интегрираната еколошка А-дозвола, цементарницата УСЈЕ има вкупно 12 емисиони точки во воздухот – две од парниот котел, две од ротационите печки, две од ладилникот на клинкерот, четири од мелниците за клинкер и две од мелниците за гориво. Отпадните гасови, како што посочи, поминуваат низ филтерски системи, по што се испуштаат во атмосферата.
Цементарницата, според дозволата, има воспоставен 24-часовен континуиран мониторинг, седум дена во неделата. Податоците се обработуваат софтверски, додека мерењата на концентрациите на ПМ10 честичките се вршат двапати годишно од надворешна акредитирана лабораторија.
На крајот, денеска на заедничка прес-конференција, претставници на надлежните институции информираа дека цементарницата ТИТАН Усје не ги прекршува законските ограничувања и дека не е главниот виновник за енормното загадување на воздухот во Скопје.
Како што беше истакнато, ниту двете редовни, ниту четирите вонредни и ненајавени контроли спроведени од државните и локалните институции не утврдиле дека оваа постројка придонесува за зголемена загаденост на воздухот. Шесте контроли, од кои две биле реализирани во последните два месеца од 2025 година, покажале дека мерените параметри се во рамки на пропишаните вредности од Интегрираната еколошка А-дозвола. Од Државниот инспекторат за животна средина дополнително нагласија дека постројката има 24/7 мониторинг, а податоците се доставуваат до акредитирана лабораторија во Германија.
