Амбасадорите летото ќе го поминат во чекање? – Ако има блокади, Пендаровски ќе биде приморан да ги испрати без нивно претставување во Собранието

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ниту денеска, ниту во наредните три дена, на собранискиот календар не фигурира седницата на Комисијата за надворешна политика. Се отвори и се затвори завчера, 26 јули, каде само кандидатот за амбасадор во САД, Зоран Попов, доби можност да ги изнесе своите тези.

Бидејќи беше планирано тој да зборува зад затворени врати, останатите четворица амбасадори чекаа надвор од салата со надеж дека истиот ден ќе имаат можност да ги изнесат своите ставови како идни амбасадори, како што беше предвидено во точките од дневниот ред, но тоа не се случи.

Претседателот на комисијата Антонио Милошовски ја одложи седницата на неодредено време, со образложение дека се закажани пленарни седници. Никој не знае кога ќе биде свикана пак. Ниту вчера, ниту денеска, Милошовски не одговара на нашите пораки на мобилниот телефон.

Остануваат уште 3 дена од функционирањето на Собранието, пред пратениците да го почнат летниот распуст на 1 август. Враќањето обично се случува на 1 септември. Така, најверојатно четворицата преостанати амбасадори летото ќе го поминат чекајќи го септември за да ја преземат должноста.

На прашањето на ТВ21 дали планираат да избегнат одложувања и доцнења со испраќање амбасадори, од МНР кусо одговорија: „Претседателот одлучува“.

Каков е планот на шефот на државата Стево Пендаровски во овој случај?

Претседателот, всушност, може да одлучува за испраќање амбасадори и ако тие не изнесуваат тези пред собраниската комисија. Потсетуваме дека оваа постапка е повеќе формална отколку одлучувачка, но очигледно Пендаровски не сака да ја прекине традицијата.

„Претседателот смета дека и покрај тоа што не се работи за законска обврска, презентирањето на тезите на кандидатите за шефови на дипломатско-конзуларните претставништва пред собраниската Комисија за надворешни работи е добра политичка пракса којашто постои во изминатите две децении“, велат за ТВ21 од кабинетот на Пендаровски.

Но, од Вила Водно уште еднаш предупредуваат дека Пендаровски може да ги потпише указите доколку има обиди за блокирање и пролонгирање.

„Доколку во идниот период постои блокада, односно не се закажуваат седници на Комисијата за надворешни работи на кои идните амбасадори ќе ги претстават своите тези пред Собранието и пред јавноста, претседателот ќе биде приморан да потпише укази за упатување на амбасадори кои ги исполните законските услови за упатување, без претставување во Собранието“, се вели во одговорот на кабинетот за ТВ21.

Но, во овој одговор, останува отворено прашањето за временските рокови. Нејасно е што подразбира со изразот „иден период“. Дали станува збор за овие три дена кои преостануваат до почетокот на одморите или дури по септември кога пратениците ќе се вратат од годишен одмор.

Инаку, четворица амбасадори кои добија одобрение и треба да ги изнесат тезите пред Комисијата за надворешна политика се Агрон Буџаку номиниран за амбасадор на РСМ во Канада, Евгенија Илиева за Словачка, Дритон Кучи Норвешка и Методија Белевски за Белгија. Агремани добија и Агнеса Руси-Поповска за амбасадор во Бугарија, Виктор Димовски во Франција и Јово Манасиевски во Турција.