Набрзо откако почна, беше прекината седницата на Комисијата за надворешна политика на чиј дневен ред беше реферирање на неколкумина нови амбасадори кои треба да заминат во важни дипломатски претставништва во неколку земји. Седницата беше затворена за јавност, а на неа свое образложение како ќе ја претставува земјава даде само Зоран Попов новоименуван амбасадор во Соединетите Американски Држави. Откако беше прекината седницата од претседателот на Комисијата Антонио Милошоски амбасадорите кои беа дојдени за да бидат сослушани од членовите на ова работно тело, си заминаа зачудени зошто воопшто биле повикани. Упативме прашање до Милошоски за причините за прекинувањето на седница, за кое тој кратко одговори.
„Заради пленарната седница продолжението на Комисијата за надворешни работи ќе биде дополнително презакажано“, вели Антонио Милошоски.
Но и покрај ваквото образложение, во малиот број присутни пратеници на пленарната седница не беше и Милошоски. Според Арбр Адеми од ДУИ кој е член на Комисијата за надворешни работи, ваквото однесување на Милошоски е злоупотреба на неговата позиција.
„Класична злоупотреба на позицијата претседател на Комисијата за надворешни работи, бидејќи без образложение се прекина седницата. Добро што помина амбасадорот на Соединетите Американски Држави во претставување на платформата за дипломатските активности, но секако требаше да продолжи и за другите кандидати кои денеска дојдоа на таа седница . Навистина не постои издржано образложение зошто се прекина седницата а не е прв пат вака што се постапува“, вели Арбр Адеми.
Голем дел од амбасадорите кои веќе ги добиле агреманите неколку месеци чекаат и не заминале во државите само поради тоа што не поминале на Комисијата за надворешна политика, иако тоа не е задолжително за нивното преземање на должноста. Дали би можело овие амбасадори да бидат испратени директно од претседателот на државата без да ја претстават нивната платформа во Собранието?
„Имало и амбасадори кои биле именувани без да ги презентираат нивните платформи во Комисијата за надворешни работи, бидејќи претставувањето на платформите нема законски основ, не е задолжително и директно преку претседателот на државата може да поминат. Така што оваа пракса која е воспоставена во Собрание за образложување и претставување на платформите оди во полза на транспарентност“, додава Арбр Адеми.
Покрај Попов кој заминува на амбасадорската позиција во Вашингтон, се чека во Канада да биде испратен Агрон Буџаку, а нов амбасадор во Норвешка треба да биде Дритон Куќи, потоа во Словачка Евгенија Илиева, како и за Белгија Методија Белевски. Во меѓувреме добиени се агремани и за Франција каде нов амбасадор ќе биде Виктор Димовски, потоа Агнеза Руси за амбасадор во Бугарија и во Турција треба да замине Јован Манасиевски.
