Американската војска тврди дека нападнала и уништила 16 ирански бродови за поставување мини во близина на Ормускиот теснец, откако се појавија извештаи дека Иран почнал да поставува експлозивни направи во овој стратешки важен поморски пат.
U.S. forces eliminated multiple Iranian naval vessels, March 10, including 16 minelayers near the Strait of Hormuz. pic.twitter.com/371unKYiJs
— U.S. Central Command (@CENTCOM) March 10, 2026
Повикyвајќи се на разузнавачки извори, CNN во вторникот објави дека Иран во последните денови поставил неколку десетици мини во теснецот и дека има капацитет да распореди уште стотици.
Околу една петтина од светската нафта поминува низ овој теснец, а Исламска револуционерна гарда претходно оваа недела соопшти дека нема да дозволи „ниедна литра нафта“ да ја напушти регијата доколку продолжат американско-израелските напади.
Во вторникот американскиот претседател Доналд Трамп во објава на својата социјална мрежа Truth Social напиша: „Ако Иран поставил мини во Ормускиот теснец, а ние немаме извештаи за тоа, сакаме тие да бидат отстранети – ВЕДНАШ!“. Помалку од два часа подоцна, американската војска објави снимки од нападите врз бродовите за поставување мини, пренесе The Guardian.
Објава на американскиот министер предизвика забуна
Испораките на нафта од Блискиот Исток се блокирани во тесниот морски пат по американско-израелските напади врз Иран пред 11 дена, што предизвика нагло зголемување на цените на нафтата и турбуленции на глобалните пазари.
Изразувајќи надеж дека Ормускиот теснец повторно ќе се отвори за сообраќај, американскиот министер за енергетика Крис Рајт на платформата X објави дека „американската морнарица успешно придружувала танкер со нафта низ Ормускиот теснец за да обезбеди нафтата да продолжи да тече кон глобалните пазари“.
Сепак, објавата брзо била избришана, а претставници на администрацијата на Трамп ја демантирале изјавата на Рајт, појаснувајќи дека таква операција не се случила. Портпарол на Министерството за енергетика изјавил дека службениците „неточно ја опишале“ објавата на министерот.
Коментирајќи ја изјавата на Рајт, портпарол на Иранската револуционерна гарда негирал дека нафтениот брод бил придружуван. „Секое движење на американската флота и нејзините сојузници ќе биде запрено со нашите ракети и дронови“, изјавил Али Мохамед Наини, пренесоа иранските државни медиуми.
