Институцијата Народен правобранител се соочува со финансиски тешкотии и проблеми дури и со плаќањето на киријата поради недостиг на средства.
Народниот правобранител, Фатон Селами, се надева дека со претстојниот ребаланс на буџетот или со одлука на Владата ќе се обезбедат дополнителни средства. Тој бара и нови вработувања, бидејќи институцијата постојано губи кадар, додека барањата упатени до Министерството за финансии досега биле одбивани.
Во меѓувреме, измените на Законот за народниот правобранител имаат за цел да обезбедат поголема финансиска, функционална и организациска независност на институцијата. Според Селами, овие измени се услов за поднесување барање за акредитација со статус А, бидејќи Македонија во моментов има статус Б. Предлозите предвидуваат, во случај на несогласување околу буџетот меѓу институцијата и Министерството за финансии, конечната одлука да ја донесува Собранието.
Исто така, се предвидува можност за формирање совет за заштита на човековите права, со претставници од академската заедница и граѓанскиот сектор.
