Американски носач на авиони се судри со брод во близина на Египет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Носач на авиони на американската морнарица се судри со трговски брод во близина на Египет, соопшти во четвртокот американската војска, додавајќи дека самиот носач на нуклеарен погон е стабилен и дека во судирот нема повредени.

Војската на САД моментално има единаесет носачи на авиони, а секоја штета што би принудила еден од нив да се повлече ќе ги ограничи опциите на морнарицата.

Американската морнарица соопшти дека носачот Хари Труман се судрил со бродот Бешикташ-М доцна во средата додека оперирал во близина на Порт Саид, Египет.

„Хари Труман не беше загрозен од судирот бидејќи нема извештаи за поплави или повредени. Погонските системи не се оштетени и се во безбедни и стабилни услови“, додаваат од морнарицата, јави Хина, повикувајќи се на Ројтерс.

Палуба со 90 авиони

Иако судирите на бродови на американската морнарица се ретки, два воени брода во азиско-пацифичкиот регион беа вклучени во судири во 2017 година во кои загинаа 17 луѓе и доведоа до сослушувања во Конгресот и смена на неколку офицери.

На 333 метри, носачот на авиони Труман е долг речиси колку и Емпајер Стејт Билдинг, што го прави да изгледа како град на вода со 5.000 членови на екипаж.

На неговата палуба се сместени 90 авиони, вклучувајќи го и F/A Super Hornet.