Американскиот Сенат синоќа одобри резолуција со која се ограничуваат воените овластувања на американскиот претседател, што практично би ја завршило војната со Иран, доколку претседателот Доналд Трамп не добие одобрение од американскиот Конгрес.
Резолуцијата беше одобрена со 50 гласа „за“ и 47 „против“, додека четворица републиканци гласаа заедно со демократите во поддршка на мерката.
Резултатот претставува победа за пратениците кои веруваат дека Сенатот и Конгресот, а не претседателот, треба да имаат овластување да испраќаат американски трупи во војна, како што е предвидено во Уставот на САД.
Сепак, резолуцијата мора да помине и низ други законски процедури, вклучително и гласање во Претставничкиот дом, каде што републиканците имаат мнозинство, како и можноста за претседателско вето.
Сенаторот Тим Кејн, предлагач на резолуцијата, изјави дека сегашното примирје му дава можност на Трамп да ги презентира своите аргументи пред Конгресот.
