Министерството за култура и туризам по повод Светскиот ден на туризмот: 741.446 туристи ја посетиле Македонија во првите седум месеци од годината

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во првите седум месеци од 2026 година, Македонија ја посетиле вкупно 741.446 туристи, соопшти Министерството за култура и туризам по повод Светскиот ден на туризмот – 27 септември.

Од Министерството истакнуваат дека е забележан пораст на бројот на странски туристи. Меѓу земјите од кои доаѓаат најголем број странски посетители се Турција, Германија, Србија, Романија и Албанија.

Министерството наведува дека развојот на туризмот ќе биде насочен кон промоција на културното и природното наследство, подобрување на услугите и користење на дигитализацијата и вештачката интелигенција.

„Владата и Министерството за култура и туризам го препознаваат туризмот како значаен фактор за економскиот и општествениот развој на државата. Нашата визија е Македонија да се позиционира како препознатлива меѓународна туристичка дестинација преку вреднување и промоција на богатото културно и природно наследство, развој на квалитетни и одржливи туристички производи и услуги, како и примена на современи дигитални решенија“, се вели во соопштението на Министреството, кое им го честиташе денот на туристичките работници.

Темата на овогодишниот Светски ден на туризмот е: „Дигитална агенда и вештачка интелигенција за редизајнирање на туризмот“.