Швајцарија соопшти дека разговорите меѓу САД и иранските преговарачи за договор за ставање крај на конфликтот на Блискиот Исток нема да се одржат денеска, додека американскиот потпретседател Џеј Ди Венс се откажа од планираното патување таму, што дополнително ја зголеми неизвесноста околу можноста за постигнување трајно примирје.
„Логистиката на овие преговори никогаш не била едноставна ниту предвидлива“, соопшти портпарол на Белата куќа во четвртокот.
Венс и американската делегација биле подготвени да заминат на разговорите во швајцарското планинско одморалиште Бургеншток веднаш штом ќе бидат финализирани плановите.
Во соопштението на швајцарското Министерство за надворешни работи се наведува дека разговорите се одложени. Оттаму додаваат дека Швајцарија останува подготвена да посредува во преговорите и дека подготовките во Бургеншток продолжуваат.
Од Иран засега нема официјален одговор. Техеран претходно соопшти дека е подготвен да започне технички разговори по постигнувањето на договорот од 14 точки во средата, со кој кревкото примирје беше продолжено за најмалку 60 дена.
Според полуофицијалната иранска агенција „Тасним“, иранските преговарачи најпрво сакале да видат конкретни знаци дека САД го спроведуваат привремениот договор, а немало потврда ниту дека иранската делегација ќе отпатува во Швајцарија.
Американските власти претходно најавија и свечено потпишување на договорот во Швајцарија, но иранското Министерство за надворешни работи оцени дека тоа е непотребно, бидејќи документот веќе бил потпишан од претседателите на двете држави.
Војната, која започна на 28 февруари со американски и израелски воздушни напади врз Иран, однесе најмалку 7.000 животи, предизвика нагло поскапување на енергенсите и ги потресе глобалните финансиски пазари.
Израел продолжува со операциите
Израел, кој не учествуваше во мировните разговори, се дистанцираше од американско-иранскиот договор и ги продолжи операциите против либанската милитантна група Хезболах, поддржана од Иран. Ова отвора дополнителни сомнежи дали договорот ќе опстане.
Во Вашингтон, дел од републиканските сојузници на американскиот претседател Доналд Трамп во Конгресот поставија прашања дали тој направил премногу отстапки за да го заврши конфликтот, кој е непопуларен кај мнозинството Американци пред ноемвриските избори.
Во март, Трамп изјави дека војната ќе заврши само со „безусловна капитулација“ на Иран.
Но, меморандумот што подоцна беше потпишан предвидува олеснување на економските санкции, одмрзнување на средства вредни десетици милијарди долари и итни американски изземања за извозот на иранска нафта.
Врховниот лидер на Иран, ајатолах Мојтаба Хамнеи, изјави дека Трамп го потпишал договорот „од очај“ и предупреди дека разговорите за иранската нуклеарна програма нема да бидат лесни.
„Ако американската страна поставува преголеми барања, ние нема да ги прифатиме“, порача тој.
Иранскиот Врховен совет за национална безбедност најави реципрочен одговор на секое прекршување од страна на, како што ја нарече, „недоверливата американска страна“ и порача дека нема да покаже попустливост додека не бидат обезбедени сите права на земјата.
Договорот им дава на преговарачите 60 дена за да постигнат договор за статусот на иранската нуклеарна програма, освен ако не биде договорено продолжување на рокот. Воедно, предвидено е формирање фонд за обнова вреден 300 милијарди долари за Иран, како и други финансиски поттикнувања.
Венс изјави дека Вашингтон ќе настојува да ги ограничи и иранските ракети со долг дострел.
Целите на војната не се исполнети
Кога САД и Израел ја започнаа војната пред речиси четири месеци, Трамп изјави дека неговата цел е уништување на иранските нуклеарни капацитети за да се спречи развој на нуклеарно оружје.
Тој исто така сакаше да ја ограничи способноста на Техеран да ги напаѓа соседните држави, да ја запре поддршката за антиизраелските вооружени групи во регионот и да создаде услови за пад на иранската теократска власт.
Ниту една од тие цели не беше целосно исполнета во моментот кога Трамп го потпиша договорот. Иран повторно нагласи дека нема намера да развива нуклеарно оружје, став што со децении го повторува, но во кој се сомневаа повеќе американски администрации.
Техеран се согласи на разредување на своите високо збогатени резерви на ураниум под меѓународен надзор и на инспекции од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија, но го отфрли барањето материјалот да биде изнесен од земјата.
Американските власти сметаат дека преговорите сè уште можат да резултираат со посилен договор за иранската нуклеарна програма од оној постигнат во 2015 година, кој Трамп го поништи за време на својот прв претседателски мандат.
Критичарите, пак, тврдат дека Иран сега е во посилна позиција, откако издржа напад од светска сила, ја демонстрираше контролата врз Ормутскиот теснец и доби значајни олеснувања од финансиските санкции.
Иран најави дека и понатаму ќе ја контролира пловидбата низ Ормутскиот теснец во соработка со Оман и дека планира да воведе нови такси за бродовите, иако не за време на 60-дневниот преговарачки период.
Цените на нафтата денеска се намалија бидејќи се зголемија очекувањата за поголемо снабдување откако танкерите повторно почнаа да минуваат низ Ормутскиот теснец, преку кој пред војната се транспортираше речиси една петтина од светските количини сурова нафта и течен природен гас.
Во Либан, каде што повеќе од еден милион луѓе се раселени поради конфликтот, новите израелски напади денеска усмртија најмалку 18 лица, соопшти државната агенција NNA. Израел наведе дека цел на нападите биле позиции на Хезболах.
Ова дополнително ги зголеми сомнежите колку далеку Трамп е подготвен да оди за да го принуди својот воен сојузник да ја запре офанзивата што вети дека ќе ја заврши.
Договорот предвидува „трајно запирање“ на војната во Либан, но Израел соопшти дека нема намера да ги повлече своите сили и дури прикажа проширена окупациска зона на нова карта.
Трамп во последниот период јавно ги критикуваше израелските операции во Либан, што претставува едно од најголемите несогласувања меѓу двете земји во последните децении.
