Барањата и волјата на гласачите на коалицијата ВРЕДИ може да станат причина за спојување на четирите политички партии кои се дел од оваа коалиција во една партија. За таа цел, во саботата во Тетово се состана координативното тело на оваа коалиција формирано од девет претставници, меѓу кои и лидерите Арбен Таравари, Билал Касами, Изет Меџити и Зеќирија Ибрахими. Оваа иницијатива, како што рекоа челниците на ВРЕДИ, го покажува духот на соработка во рамките на коалицијата.
Политичките аналитичари ја поздравуваат оваа иницијатива. Политикологот Џенур Исени вели дека обединувањето на ВРЕДИ е природно бидејќи за „здружена опозиција“ првпат гласале над 100.000 Албанци.
„Тоа што албанската опозиција во Македонија за прв пат ја надмина бројката од 100.000 покажува дека нивната желба е да имаат моќна опозициска партија, во случајов на власт, а ВРЕДИ одлично ја разбра оваа порака. Мислам дека многу брзо, можеби и пред локалните избори, ВРЕДИ ќе се спои или ќе се трансформира во партија“, вели Џенур Исени.
Спојувањето на партиите кои се дел од коалицијата ВРЕДИ е нормален чекор за аналитичарот Алберт Муслиу. За ТВ21 вели дека преку заеднички структури похармонично би работеле.
„Јас го гледам тоа како нормален чекор. Тешко е заеднички да делувате како коалиција од четири партии доколку сте дел од Владата. Бидјеќи Владата не дејствува само преку Собранието или преку министрите, туку има и внатрешна организација. Ова го гледам како многу нормален чекор. Посакувам и и во тоа да бидат успешни. Мислам дека ова е и реакција на некои гласини дека има внатрешни несогласувања. Нормално е секој лидер да се труди да го промовира својот политички субјект. Мислам дека преку заеднички структури ќе имаат полесна работа“, вели Алберт Муслиу.
Според аналитичарите, спојувањето на ВРЕДИ во една партија не би претставувало проблем бидејќи нивното присуство во владата и исполнувањето на групните апетити го спречуваат незадоволството и ривалството за тоа кој ќе биде на чело на идната партија. Нивното обединување ќе биде полесено доколку партиите не се фокусираат на деталите, велат тие.
