Трамп вели дека војната со Иран ќе заврши по изборите за Конгрес, се закани со напад на планината Пикекс поврзана со нуклеарната програма на Техеран

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека очекува војната со Иран да заврши по ноемвриските избори за Конгресот во САД и повторно се закани дека ќе нападне локација поврзана со нуклеарната програма на Иран, откако двете страни ја започнаа најголемата серија напади врз бродскиот сообраќај од почетокот на шестмесечната војна.

Тензиите во регионот растат, при што властите за цивилна заштита на Саудиска Арабија издадоа предупредувања за вонредна состојба во југозападниот град Хамис Мушаит, по четврти пат во 24 часа, додека се интензивираа судирите со јеменските Хути, кои се поддржани од Иран.

Цената на суровата нафта „Брент“ се движи над 100 долари за барел, додека маршрутите за снабдување преку Ормутскиот теснец и Црвеното Море останаа сериозно нарушени.

Иран соопшти дека во средата нападнал 10 бродови во близина на Ормускиот теснец, откако САД потопиле пет ирански танкери со нафта, во најновата серија напади со меѓусебни одмазднички дејства, кои покажуваат дека има мали шанси за скорешен прекин на непријателствата.

Војната и последователното зголемување на цените на горивата придонесоа за пад на популарноста на Трамп на рекордно ниско ниво. Претседателот изјави дека Техеран се обидува да влијае врз ноемвриските избори за Конгресот во САД, на кои ќе се одлучува дали неговата Републиканска партија ќе ја задржи контролата врз Конгресот.

„Мислам дека војната ќе заврши веднаш по изборите, бидејќи тие повеќе не можат да издржат. Очајнички се обидуваат да влијаат врз изборите“, им рече Трамп на новинарите во средата. „Волстрит журнал“ подоцна објави дека високи советници во Белата куќа, меѓу кои потпретседателот Џеј-Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио, приватно го предупредиле Трамп дека конфликтот би можел да продолжи до крајот на неговиот претседателски мандат, кој завршува во јануари 2029 година, но оваа информација не е потврдена од други медиуми и агенции.

Трамп исто така изјави дека САД би можеле да го нападнат иранската планина Пикекс, силно утврдено место во кое се наоѓаат два длабоко под земја вкопани тунелски комплекси, во близина на оштетениот ирански објект за збогатување ураниум во Натанц.

„Забележуваме дека има мала активност на Пикекс. Би го советувал Иран да не се обидува да биде премногу паметен, бидејќи ќе мора да ги погодиме многу силно“, изјави Трамп во говорот на републиканската конвенција посветена на изборите за Конгресот. Трамп се заканува со напади врз планината Пикекс најмалку од средината на јули.

Инаку, нуклеарната програма на Техеран беше една од причините поради кои САД и Израел во февруари започнаа воени напади врз Иран, додека Техеран тврди дека неговите нуклеарни активности се за мирољубиви цели.

Во последните недели Вашингтон укажуваше на зголемен успех во насочувањето на танкерите низ Ормутскиот теснец, низ кој пред војната минуваше околу една петтина од глобалните залихи на нафта. Но, обновувањето на борбите овој месец се чини дека го попречи постепеното повторно отворање на теснецот. Во средата низ теснецот поминале само седум пловила, што е половина од просекот за 10 дена, покажаа прелиминарните податоци за следење на бродовите објавени во четвртокот.

Борбите меѓу Саудиска Арабија и Хутите во Јемен исто така ескалираа во изминатите неколку дена, отворајќи второ бојно поле што го загрозува глобалното снабдување со енергенси од Блискиот Исток. Најмалку 73 лица беа повредени во четири јужни саудиски градови, вклучително и Хамис Мушаит, во неодамнешните напади на Хутите врз најголемиот извозник на нафта во светот, соопшти во вторникот коалицијата предводена од Саудиска Арабија.

Вооружената група соопшти дека нападнала воздушна база во југозападниот град Хамис Мушаит и нафтена инфраструктура во блиските градови, во еден од најголемите напади врз Саудиска Арабија од почетокот на американско-израелската војна против Иран во февруари. Од друга страна, властите за цивилна заштита на Саудиска Арабија денес соопштија дека опасноста е мината, по новото вонредно предупредување издадено во Хамис Мушаит.