Агенцијата за национална безбедност во координација со МВР и Обвинителството презела истражни дејствија против македонски државјанин, за кого постои сомнение дека бил поврзан со пропагандна мрежа насочена кон ширење дезинформации и наративи во корист на руски интереси.
На 18 септември бил извршен претрес во неговиот дом, при што биле пронајдени и одземени предмети кои дополнително ќе бидат вештачени. Според АНБ, лицето се сомничи за кривични дела поврзани со предизвикување национална, расна и верска омраза, оддавање службена тајна и ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем.
Од АНБ велат дека мрежата функционирала преку повеќе псевдо-портали со македонски интернет-домени, преку кои биле објавувани лажни вести и дезинформации, како и содржини со кои се менувале наративите за актуелни настани. Според Агенцијата, целта била влијание врз јавниот дискурс, поткопување на довербата во институциите и поттикнување етничка и национална нетрпеливост.
Од Агенцијата наведуваат дека случајот е продолжение на претходно откриени проруски хибридни активности и најавуваат дека ќе продолжат со активности за откривање и спречување на пропагандни мрежи поврзани со странски политички структури.
