Актуелното раководство на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) утврдило низа неправилности во работењето на институцијата, меѓу кои исчезнат мрежен кабел вреден 15.000 евра, неевидентирана информатичка опрема и договори склучени над предвидените буџетски средства.
Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, изјави дека ревизорскиот извештај за 2024 година потврдил дел од забележаните пропусти, нагласувајќи дека во Институтот не била спроведена ревизија уште од 2017 година.
Според неа, биле набавувани компјутери, лаптопи и мобилни телефони без соодветна евиденција за тоа каде завршиле, а склучени биле и договори за телекомуникациски услуги во вредност значително повисока од планираната.
Андоновска посочи дека биле утврдени и високи трошоци за репрезентација, како и исплати на додатоци на плата кои, според неа, биле спротивни на законските прописи. Таа тврди дека по воведувањето на новите мерки, Институтот сега штеди околу пет милиони денари месечно.
„Најдовме празна сметка на Институтот, а денес на сметката има околу 150 милиони денари и вратени се долгови од над 50 милиони денари. Се поставува прашањето каде завршувале средствата кои требало да бидат вложени во опрема, дијагностика и услуги за граѓаните“, изјави Андоновска.
Таа најави дека утре ќе одржи прес-конференција на која ќе презентира дополнителни детали за утврдените неправилности.
Дел од наодите, како што информираше, веќе се доставени до надлежните институции, вклучително и до Единицата за корупција при Министерството за внатрешни работи.
Државниот завод за ревизија претходно изрази неповолно мислење за финансиските извештаи и финансиското работење на Институтот за јавно здравје за 2024 година, укажувајќи на повеќе неправилности во финансиското управување и спроведувањето на програмите од областа на јавното здравје.
