Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, очекува до крајот на годината да биде усвоена Националната стратегија за вештачка интелигенција. Една од активностите предвидени со стратегијата ќе биде и донесување закон за употреба на вештачката интелигенција.
Утре во Министерството за дигитална трансформација ќе се одржи состанок на работната група, по што нацрт-верзијата ќе биде објавена на ЕНЕР, а ќе бидат организирани и неколку јавни дебати.
„Очекувам до крајот на годината да ја усвоиме. Една од активностите на стратегијата размислуваме да биде и донесувањето закон за употреба на вештачката интелигенција. Значи, не регулирање на производството или создавањето на вештачка интелигенција, туку повеќе нејзино користење на правилен, етички и принципиелен начин, во интерес на општеството“, изјави министерот Андоновски.
Во однос на изградбата на Националниот центар за податоци, Андоновски рече дека веќе се водат разговори со потенцијални финансиери на проектот. Во меѓувреме, во Министерството за транспорт се разговара за потребните процедури за користење на локацијата во близина на Бунарџик.
„Локацијата ќе биде во близина на Скопје, веднаш до една од индустриските и развојните зони. Станува збор за државно земјиште кое не се користи за земјоделство или за друга намена, па ќе го искористиме овој простор. Во близина веќе се изградени фотоволтаични централи. Планираме во втората фаза, покрај центарот за податоци, да изградиме и фотоволтаична централа, преку која ќе обезбедуваме од 30 до 40 проценти од електричната енергија што ќе ја троши центарот за податоци“, рече Андоновски.
