Замина Гаврил Бубевски, Анел Фидоски нов шеф на ОЈО Скопје

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Советот на јавни обвинители денеска го избра Анел Фидоски за нов шеф на Основното јавно обвинителство Скопје. На денешната седница, Фидоски освои седум гласа, додека досегашниот раководител Гаврил Бубевски доби пет, при што не успеа да обезбеди нов мандат.

Со оваа одлука, Фидоски ќе ја предводи најголемата обвинителска институција во земјата, која постапува по најсложените кривични предмети и е под постојан интерес на јавноста.

Анел Фидоски е познат по учеството во високопрофилни случаи како истрагата за убиството на Никола Саздовски, член на навивачката група „Комити“, како и случајот „Тенковски делови“ против поранешниот премиер Владо Бучковски. Тој беше вклучен и во истрагата за трагедијата со малата Тамара од Велес, која почина додека чекаше државна помош за лекување во странство, каде што се водеа истраги против повеќе лекари и членови на комисии.

На денешната седница, покрај изборот на Фидоски за скопското обвинителство, се избираше и раководител на Основното јавно обвинителство Тетово, каде единствен кандидат беше актуелниот шеф Бесир Алиу.

Изборот на новото раководство се случува во период на кадровски промени во обвинителската структура, по оставката на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски и назначувањето на Анита Тополова Исајловска за вршителка на должноста јавна обвинителка.

ТВ21 пред неколку дена објави дека Анел Фидоски се смета за најсериозен кандидат за функцијата, пред другите пријавени обвинители Тања Трајчевска, Дејан Петрески и Спасенка Андонова, кои исто така имаат значајно искуство во јавноста.