Ангелов: Денеска се регистрирани дваесетина пожари, водата во Гостивар сè уште не е безбедна за пиење

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и раководител на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов, информира дека денеска низ државата биле регистрирани околу 20 пожари на отворен простор, при што најголемиот дел се веќе изгаснати, а останатите се ставени под контрола.

Според Ангелов, пожарот на територијата на Општина Струга, кој беше видлив од поголема далечина и предизвика загриженост кај граѓаните, е под контрола. Тој појасни дека на ова подрачје избувнале два пожари – едниот е целосно изгаснат, додека вториот е локализиран и се очекува наскоро да биде целосно ликвидиран.

Тој додаде дека во текот на денот немало потреба од ангажирање на противпожарните авиони „ер трактори“, бидејќи состојбата на терен била успешно менаџирана со расположливите сили.

Осврнувајќи се на состојбата со водоснабдувањето во Гостивар, Ангелов рече дека водата и понатаму не е безбедна за пиење. Причината, како што посочи, е што во дел од примероците анализирани од Институтот за јавно здравје сè уште е утврдено присуство на бактерии.

„Водата засега може да се користи само за технички потреби. Продолжува процесот на хиперхлорирање, а очекуваме наскоро да биде прогласена за исправна и безбедна за пиење“, изјави Ангелов.