Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, денеска пред депонијата Дрисла даде изјава за медиумите, во врска со чадењето од депонијата, која се шири низ цело Скопје.
„Како главен штаб веќе два дена сме во Дрисла, каде настана тежок пожар. Чадењето е активно и денеска, од она што можам да го кажам денеска е значително намалено. Делумно е затрупан делот каде што чади, но и натаму има чад. Моментално се пробиваат два нови патишта каде што ќе може да дејствува механизација.
Самата површина на Дрисла е 85 хектари, и ограда има само кај влезот. Останатиот дел каде што е чадот, се необезбедени, има повеќе камери, но се сомневам во нивната функционалост, особено во задниот дел од депонијата. Од тие причини Дрисла е лесно достапна за злонамерници. Вчера дејствувавме со механизација, и чадењето е намалено. Видлив оган нема, или можеби ќе се појави на неколку секудни и ќе исчезне. Има непријатна чад која содржи токсини. Според информациите, имало три обиди за палење на депонијата. Како моја лична перцепција сметам вчера околу 21 часот силно се зголемил, и имало засилено горење, со оглед дека претходно го ставивме под контрола. Од тие причини побарав припадници на полицијата да влезат денеска во депнијата и да зборуваат со вработените. Дали постои можност некој од внатре да учествува во пожарот, или некој од надвор со шише бензин или со било што друго да го подметне пожарот. Во околината на депонијата ќе има засилено полициско присуство, ќе примениме други методи за да го откриеме проблемот. Продолжува затрупувањето на депонијата, ние сме оптимисти дека делот кој гори ќе биде целосно затрупан. Ако не успееме да го направиме тоа денеска, ќе ни помогне утре механизација од Бехтел и Енка“, изјави Ангелов.
