Три медали за македонските борачи на Медитеранските игри во Таранто

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонските спортисти ги освоија првите медали на Медитеранските игри во Таранто, Италија. На третиот натпреварувачки ден, борачите Фати Вејсели и Реџеп Хајдари се закитија со сребрени медали, додека Ахмад Магомедов освои бронзено одличје.

Хајдари во финалето во категоријата до 97 килограми во слободен стил загуби од грчкиот борач Даурен Куруглиев со 6-0. Вејсели, пак, во борбата за златниот медал во категоријата до 74 килограми беше поразен од Ислам Дудадев од Албанија со 4-0.

До бронзен медал стигна Магомедов во категоријата до 86 килограми, откако убедливо го совлада домашниот борач Габриеле Николини. Македонскиот репрезентативец славеше со технички туш, со резултат 10-0.

Македонија утре ќе има уште една шанса за медал во борењето. Единствената македонска натпреварувачка во слободен стил, Вероника Консевиќ, ќе се бори за бронзениот медал во категоријата до 57 килограми против Србинката Милица Перовиќ.