Македонската фудбалска репрезентација утре во Тбилиси со почеток во 18 часот по македонско време, ќе го игра бараж натпреварот за пласман на Европско првенство.
Селекцијата на Грузија ќе биде противник на нашата репрезентација, а победникот од овој дуел оди на собирот на најдобрите европски селекции кој ќе се одржи идната година во повеќе европски градови.
Денеска македонскиот национален тим пристигна во Тбилиси, а попладнево беше и прес-конференцијата на која присуствуваа капитенот Горан Пандев, и селекторот Игор Ангеловски.
„Му благодарам на Пандев за настапите во селекцијата и сакам да му порачам: Горане, одведи ги твоите соиграчи на Европско првенство“, изјави селекторот Ангеловски.
Пандев, пак, истакна дека ова е натпреварот на неговата кариера.
„Кога ќе се сетам каде бевме, каде сме сега… на чекор до остварување на сонот. Верувајте, ова се златни момци, може да играат во поголеми клубови. Сакам да доживеат да играат на Европско првенство“, рече Пандев.
ФОТО: Спортмедиа
